Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, денеска ги посети Дневните центри за лица со попреченост и за деца со аутизам, во скопската населба Топанско Поле.
Во Дневниот центар за деца со аутизам, каде услигите ги дава невладиното здружение „Имаго плус“ се вршат индивидуални и групни третмани за околу 108 деца на возраст од 20 месеци до 14 години.
Центарот за деца со аутизам е резултат на успешната соработката помеѓу граѓанскиот сектор и Министерството за труд и социјална политика.
Тука децата со аутизам ги добиваат најсоодветните третмани со кои се подобрува нивната здравствена состојба.
„За да можеме како Министерство за труд и социјална политика, за да може локалната самоуправа како партнер, за да можат и невладините организации да бидат вклучени во имплементација на социјалните услуги во заедницата, нас ни се неопходни вистинските бројки. Оттука, пописот како статистичка операција, којашто започнува на 5ти септември, многу е значаен за нас како Министерство за труд и социјална политика. Потребно ни е да го знаеме бројот на лица кои имаат потреба од Дневни центри, каде се наоѓаат територијално во државата, колкава е нивната возраст, колку лиценцирани даватели на вакви услуги имаме и колку финансиски средства е потребно да се проектираат во нашиот Буџет, за испорачување на овие услуги во заедницата“, рече министерката Шахпаска.
Во Дневниот центар вработени се логопеди, психолози, дефектолози и социјални работници. Тие освен за деца со аутизам се грижат и за деца со даунов синдром, церебрална парализа и ментална попреченост. Покрај психосоцијалните третмани и поддршката за децата, тимот обезбедува и советодавна помош за нивните родители.
Нивното успешно работење е евидентно. Секоја година околу 20 деца со дислексија или дисграфија по третман од 12 месеци се подготвени лесно да се вклучат во градинките или училиштата.