Руската вакцина ќе се регистрира во 25 земји. Рускиот Фонд за директни инвестиции (РДИФ) очекува дека до крајот на оваа недела вакцината „спутник В“ ќе биде регистрирана во 25 земји. Ова го рече претседателот на РДИФ, Кирил Дмитриев, во интервју за телевизискиот канал Русија-1.
„До крајот на неделава очекуваме 25 регулатори или 25 земји да ја одобрат нашата вакцина“, рече Дмитриев. Тој додаде дека вакцината досега е одобрена од 19 регулатори.
Списанието „Лансет“ минатата недела ги објави резултатите од третата фаза на клиничките испитувања на руската вакцина. Според нив, оваа вакцина е 91,6 проценти ефикасна кај симптоматските форми на коронавирус.
Во последниве недели во Европа се јавуваат повици Европската агенција за лекови (ЕМА) да почне процес за одобрување на „спутник В“. И тоа што е можно поскоро. Вакцината веќе се користи во Русија и некои други земји. Такви се Србија, Аргентина и Алжир.
Резултатите објавени во „Лансет“ се добиени во последната, трета фаза, од клиничките испитувања на вакцината во која учествувале речиси 20.000 испитаници.
Неправедна дистрибуција на вакцините
Специјалниот пратеник на Светската здравствена организација (СЗО) за Ковид-19, Дејвид Набаро повика на поголема еднаквост. Ова особено се однесува на дистрибуцијата на вакцините низ целиот свет. Британскиот лекар за Скај Њуз изјави дека е „апсолутно разбирливо“ тоа што Велика Британија обезбедила големи залихи на вакцини. Но, сепак истакна дека нејзината влада треба да започне да размислува да ги испраќа во земјите во развој. Особено затоа што најранливиот дел од британската популација е вакциниран.
„Сметам дека залихите треба да се дистрибуираат во други земји, кога ќе заврши вакцинацијата на лица постари од 50 години“, рече Набаро, како што пренесе Гардијан.
Тој додаде дека секој премиер, секоја пратеничка група треба да формира свое мислење, но „навистина големото прашање е што е најдобро за економијата, општеството и како ќе бидат запаметени за 10 до 20 години“.