Русија прогласи примирје и кажа дека ќе отвори хуманитарни коридори за извлекување цивили од повеќе украински градови, објавија државните медиуми.
Прекинот на огнот ќе почне во 8 часот по македонско време, при што ќе се постават евакуациски маршрути од Киев, Харкив, Мариупол и Суми, околу кои се одвиваат значајни руски воени операции. Москва не објави колку ќе трае примирјето, но додаде дека коридорите се отвораат на барање на францускиот претседател Емануел Макрон, кој вчера телефонски разговараше со Владимир Путин.
Руското министерство за одбрана кажа дека цивилите ќе може да заминат во Русија и Белорусија и дека примирјето ќе се надгледува со дронови.
Изминатиот викенд имаше два обида за примирје и за евакуација на цивилното население од Мариупол и Волноваха, но пропаднаа за кратко време, за што двете страни меѓусебно се обнинуваа.