Велосипедистите се рамноправни учесници во сообраќајот и треба да се почитуваат како и останатите моторизирани и немоторизирани учесници во сообраќајот, порачува Републичкиот совет за безбедност на патиштата (РСБСП).
„Се чини дека повеќе од кога било велосипедот како превозно средство се наметнува како неопходен начин за учество во сообраќајот. Растот на цените на енергенсите, зголемената фрекфентност на сообраќајот, убавото време, но и здравиот начин на живот, се едни од клучните причини зошто треба да се избере велосипед како превозно срество. Истражувањата покажуваат дека на растојание до 5 километри, во урбана средина, велосипедот е доминантно превозно средство во однос на автомобилот, од аспект на побрзо и побезбедно пристигнување на посакуваната дестинација и од аспект на полесно паркирање. Паркингот за велосипеди е секогаш достапен, бесплатен и одзема многу помалку простор. Со користењето на велосипедот како сообраќајно превозно средство се заштедуваат финансиски средства кои би се давале за гориво. Исто така, купувањето велосипед е далеку поевтина опција отколку купувањето автомобил. Бидете внимателни возачи и внимавајте на велосипедистите во сообраќајот. Но, и велосипедистите исто така се должни да внимаваат на останатите учесници во сообраќајот“, се вели во соопштението.