Интересни се легендите за настанување на имињата на селата. Со нив се занимава топонимијата (наука за имињата на географските места) како гранка на ономастиката (наука за потекло на личните именки од секаков вид и потеклото на имињата). Конкретно со потеклото на имињата на населените места се занимава подвидот на топонимите-ојконими.
Денешната легенда ја разгледуваме од аспект на запишаните толкувања за настаноткот на името во легендите, но и преданијата коишто се пренесувале од генерација на генерација и голем дел од нив се зачувале до денеска.
Селото Робово порано имало друга местоположба, се наоѓало во месноста Црквиште, на помалку од еден километар од денешното Робово, во насока кон соседното село Сачево, но поради појавата на епидемија или чума, селаните го напуштиле старото живеалиште и основале нова населба, која ја нарекле Робово.
Според културниот деец и публицист, Иван Котев, роден во село Робово, селото го добило името по т.н. „пазар на робови“. Една друга легенда кажува дека селото го има добиено името по неговите основатели – тројца робови, кои побегнале од затворот во Солун и се засолниле во овој крај, кај денешно Робово. Едниот од робовите се викал Јанко, поради што месноста што се наоѓа југозападно од село Робово се нарекува Јанковица. Таму постоела црква, по која месноста се викала Црквиште. И таа се наоѓа југозападно од селото. На тоа место тројцата робови живееле на слобода и мир, занимавајќи се со земјоделство, претежно со лозарство. Во сеќавање на робовите, при напуштањето на месностите Јанковица и Црквиште, како и при преселувањето на населението на местото на денешно Робово, новонастанатата населба била наречена Робово