Реакција на Ниола Димитров за зачестената употреба на терминот „северномакедонци“. Во последно време зачести употребата на непостоечкиот термин “северномакедонци” од страна на претставници на земји – наши пријатели, кои го поддржуваат Преспанскиот договор, вели поранешниот министер за надворешни работи, Никола Димитров. „ Но, еден од двата клучни столба на компромисот на Преспанскиот договор, е токму самоопределувањето како Македонци кои зборуваат македонски јазик, нешто што самиот Договор го гарантира. Со други зборови “Северна Македонија” е можна само доколку во неа живеат Македонци, заедно со своите сограѓани и тоа така мора да се почитува.
Затоа секоја употреба на терминот “северномакедонци” освен што е навреда за Македонците е и подривање на Преспанскиот договор. Очигледно е потребен далеку посериозен фокус на нашата дипломатија за овој недвосмислен наратив да се промовира во меѓународните односи и да се превенира оваа појава бидејќи се чини дека во последниве месеци тоа никој не го работи. Тоа е недозволиво.
Особено имајќи предвид дека во овој период една земја членка на ЕУ и наш сосед директно го негира токму македонскиот идентитет и јазик.
Мора да се работи и проактивно, но и редовно и ажурно да се реагира на секоја погрешна употреба без исклучок се’ додека меѓународната пракса не биде целосно на линија со одредбите на Договорот“ напиша Димитров на Фејсбук.
https://www.facebook.com/dimitrovnikola/posts/10166590655920451