Партијата за Движење на Турците (ТХП) одлучи на локално ниво во општина Радовиш да го напушти владејaчкото мнозинство, така што од денес советникот на ТХП Јашар Сулејман ќе делува надвор од советничката група на актуелното мнозинство.
Од партијата велат дека ваквата одлука е резултат на крајно деградирачкиот однос и бројните закани на градоначалникот на општина Радовиш и локалните шерифи кон турската заедница.
„Турската заедница, како и сите други, има потреба од инфраструктура, и со години турските населени места беа заборавени. Како партија на власт која се води од концептот едно општество за сите нема да дозволиме локални структури да го срушат тој концепт. ТХП силно верува во вредностите на едно општество за сите и во изминатиот период јасно се спротивстави на политиките кои не го почитуваа истиот“, велат од партијата.
Градоначалникот на Радовиш Герасим Конзулов ги отфрли обвинувањата за деградирачки однос кон турската заедница
,,Почитувани, со цел за транспарентно и целосно информирање на јавноста по повод денешното соопштение на Општинската организација на Партијата за движење на Турците би сакал категорично да ја отфрлам содржината на соопштението како невистинита и тенденциозна манипулација на јавноста. Веќе подолго време, со цел да се наруши мојот углед како градоначалник се прават обиди да се создаде проблем таму каде што реално го нема. Употребата на лични навреди и недолични квалификации само ја потврдуваат намерата на определени лица по секоја цена да иницираат конфлик со градоначалникот. Во овој конткст, укажуваме дека ваквите обиди нема да поминат. Остануваме посветени на решавањето на реалните проблеми кои ги засегаат сите граѓани и за тоа сведочат бројните проекти реализирани во градот и наслените места.Ги повикувам новинарите и сите релевантни структури да ги посетат турските села и да се уверат во вистината. Јас Ви стојам на располагање и отворен за соработка во секое време,, стои во реакцијата на Кознулов