• Fri. Nov 22nd, 2024

Работата е љубов за вработените во социјалното претпријатие Избор. Тоа е средина полна емпатија, срдечност и внимание. Така може да се опише работната атмосфера во центарот за професионална рехабилитација на лица со попреченост. Овде сушат овошје и зеленчук, стекнуваат вештини за работа но и доживотни пријатели.

Работата е љубов затоа што тука сме прифатени, велат ангажираните лица. Тие доаѓаат овде секојдневно, ги исполнуваат своите работни обврски, но имаат поддршка и од стручен тим кој им помага и ги води низ целиот процес. За Сократ Манчев, кој е творец на ова социјално претпријатие, прво од ваков тип во државата и поширокиот балкански регион, ова е пример како треба да изгледа еден повеќенаменски центар. „Тука р исто како и во било која друга работна организација, тоа е нашата тајна“, вели Сократ. Тие лицата со попреченост ги третираат како еднакви со останатите, со можности и капацитети коишто треба да се откријат, насочат и употребат за доброто на нив и на целата заедница.

Овошјето и зеленчукот како храна и како работа

Во моментов се суши овошје. Јаболки, круши, најразлични овошни видови коишто можат да се обезбедат како суровини. Во текот на летниот период, пак, имаа и голем ангажман околу сушењето на зеленчук. Работата е разновидна, затоа вклучените во работниот процес се мотивирани, не запаѓаат во рутина и здодевност.

Покрај овој центар, во склоп на Избор работи и тераписката заедница „Покров“, но и пекарницата „Бејгел“. Во тераписката заедница Покров се нуди поддршка во процесот на рехабилитација и реинтеграција на лица кои употребуваат психотропни супстанци.

Во текот на престојот во Покров, лицата имаат и работна терапија во самиот комплекс во која работат на оранжериите во кои заедницата произведува органско овошје и зеленчук. Но, за вистински да биде функционална синтагмата работата е љубов, тие отворија и пекарница. Во неа веќе осум месеци бесплатни оброци добиваат лица во социјален ризик. Во работата на пекарницата покрај стручни лица се вклучени и лица коишто се борат со зависности.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *