Протестот под мотото „УЛТИМАТУМ – Не благодарам“ против прифаќањето на францускиот предлог продолжува и денеска пред Владата во истиот термин како и вчера – во 19.00 часот.
Илјадници граѓани синоќа протестираа против прифаќањето на францускиот предлог за тргање на бугарското вето и отворање на преговорите за членство на Северна Македонија во ЕУ. Протестот беше поддржан од повеќе политички партии и граѓански организации.
На протестот се обратија и новинари, универзитетски професори, музичари. Тие ја повикаа Владата да не го потпишува предлогот со порака „Македонија е се што имаме и од неа никогаш и под никакви услови нема да се откажеме“.
Францускиот предлог е причина и за средбата на премиерот Ковачевски со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Средбата е најавена за 15 часот во Клубот на пратениците.
По добивањето на предлогот, премиерот Димитар Ковачевски најави широки консултации со коалициските партнери, со претседателот на државата, со парламентот, со граѓанскиот сектор, како и со опозицијата.
Претседателот Стево Пендаровски за денеска напладне во неговиот кабинет свика состанок на Советот за безбедност на кој ќе се разгледува модифицираниот предлог на француското претседателство со ЕУ за почеток на пристапните преговори на Република Северна Македонија со Европската Унија.
извор: фактор