Државниот завод за статистика денеска објави дека просечната месечна исплатена нето-плата за вработен во април годинава изнесува 31.525 денари. Таа е зголемена 10,9 отсто во однос на април минатата година.
Од ДЗС информираат дека ваквото зголемување се должи, пред сè, на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата за вработен во секторите: објекти за сместување и сервисни дејности со храна (24,8 проценти), уметност, забава и рекреација (20,1 проценти) и административни и помошни услужни дејности (17 проценти).
Раст на просечната месечна исплатена нето-плата за вработен, во однос на претходниот месец, е забележано во секторите: дејности на здравствена и социјална заштита (8,3 проценти), градежништво (5,6 проценти) и дејности во врска со недвижен имот (4,5 проценти).
Исплатена бруто-плата за вработен, пак, во април годинава изнесува 47.092 денари, што претставува 11 отсто зголемување во однос на бруто-платата во април лани.