И по две децении протекување и по една година од завршената реконструкција вредна 10 милиони денари, продолжува да прокиснува покривот на училиштето „Петар Мусев“ од Богданци. Повеќе од една година по завршувањето на реконструкцијата што ја правеше тетовската фирма „Квалитет Бетонида Дооел“ училиштето има сериозен проблем со функционирање на неколку училници кои протекуваат, па кога врне не се користат. Директорот на училиштето вели дека покривот прокиснал веднаш по завршувањето на проектот.
Градоначалникот на Богданци, Блаже Шапов вели дека проектот е добиен преку Министерството за образование и реакциите кон изведувачот повторно се преку надлежното министерство.
Протекувањето е голем проблем и за одвивањето на наставата, но и за здравјето на учениците и вработените, за што имаше најави за протест. Советникот Михаил Тодоров вели дека на барање на наставничкиот совет на училиштето неколку советници биле во посета и направиле увид во училиштето и бара да се забрза процесот не само на санација, туку и на барање одговорност.
Основното училиште „Петар Мусев“ има 22 паралелки од кои две се во подрачното училиште во село Ѓавото.