Од граѓани, партија, но и по допрен глас Антикорупциската комисија веќе работела и затворила шест случаи: три за Кочо Анѓушев, еден за Хрисијан Мицковски, еден за планирана мала хидроцентрала на реката Вардар и еден за хидроцентрала во Неготино. Наводите во пријавите не успеале да ги потврдат. Но, во однос на Мицковски било утврдено дека кога се одлучувало за концесијата тој не бил на функција, па сомнежите за влијание не можеле да бидат поинаку третирани.
„Концесијата за користење вода за изградба на вакви мали хидроцентрали на реката Брегалница и на Клепалска река донесена е на 07.08.2014 година, а тој првпат станува советник на тогашниот премиер на 15.04.2015 година. Значи, можеби имало влијание, бидејќи има блиски лица во иста политичка партија, но овој случај ние, согласно законот, не можеме да го третираме така“, објаснува Нури Бајрами, член на антикорупциската комисија.
Во однос на Кочо Анѓушев, дополнителен поднесок кон записникот од владината седница овозможил наводите во пријавата да не се потврдат. Се работело за гласање на владина седница за продолжување на рокот на градба.
„На почетокот на записникот на седницата на Владата, кадешто е продолжен тој рок, се наведува дека е присутен и подоле не можете да го најдете, него тоа ќе го најдете со посебна изјава приложена кон записникот дека е изземен. Сега, дали ова изземање значи потполна објективност – никаде не е уредено. Значи, тоа не може да се потврди ако нема конкретен и директен укажувач, бидејќи формалноста кога е испочитувана не значи и потполна објективност. Но, при анализа на целиот случај се потврдени многу други пропусти и неправилности“, нагласува Бајрами и објаснува:
„Случајот, односно предметот оформен за судир на интереси се однесуваше на група хидроцентрали на реката Жировница, бидејќи таму имаше добиено концесија за користење на водата фирмата на Анѓушев, преку Фероинвест и Хидрогенгруп. Проблемот се однесуваше на заштитеното подрачје, каде никој не го имал предвид Законот за заштита на природата и Законот за водите, бидејќи таквите проекти во заштитените подрачја се забранети со препораката 184 од Бернската конвенција и препораките на Советот на Европа. Овие слабости навистина го нарушуваат доброто управување и владеење на правото, бидејќи и да се другите чекори се во ред, пак проектот е спротивно на некој закон, што не смеело да се случи“, вели членот на Антикорупциската комисија, Нури Бајрами.