Воспитувачи, учители, наставници и професори. Седумнаесет просветни работници вечерва го примија признанието „Свети Кирил и Методиј“ на свечената академија организирана по повод 24 Мај, денот на Сесловенските просветители светите браќа Кирил и Методиј.
Наградените просветни работници беа предложени од нивните колективи, а признанијата им ги врачи градоначалникот на Општина Струмица, Костадин Костадинов, кој потсети дека општеството мора да ги врати подзаборавените вредности во образованието.
„Честитајќи го празникот на просветните работници, ја упатив пораката дека мора да ги вратиме подзаборавените вредности во образованието, вредности кои некогаш создаваа идеални предуслови за градење квалитетни генерации ученици, кои ќе бидат верни и достојни продолжувачи и негувачи на прогресот на нашето општество. Да се вратат дигнитетот и авторитетот на наставникот, да се зајакнат односите меѓу наставник – ученик и наставник – родител, но и да ја мотивираме соработката помеѓу наставниците и стручните служби во училиштата, за да може навреме да се избегнуваат одредени девијантни и несакани појави и последици.
Порачав и дека придобивките од интензивниот светски технички-технолошки развој, како што се уредите за комуникација, не смеат да бидат на дофат на учениците во време на одржување на наставата, за да можат учениците максимално да бидат посветени на активностите кои се дел од воспитно – образовната програма. Имајќи максимален респект кон вработените во образованието и годинава ги наградивме најдобрите наставници и стручни соработници во училиштата и воспитувачи и негуватели во градинките, за исклучителни резултати во работата и афирмацијата на институциите во коишто работат,“ порача Костадинов.