Собранискиот состав, кој беше избран лани во јули, а на почетокот на август ја одржа конститутивната седница, денеска попладне го почна првото заседание во старата пленарна сала.
Во салата моментно се присутни повеќето пратеници од мнозинството и од опозицијата, кои треба да гласаат за утврдување на дневниот ред на новата седница, на која ќе се расправа и ќе се гласа за повеќе од 50 точки.
Собраниската галерија, од каде што медиумите може директно да ги следат седниците, засега е празна, затоа што од новинарите се бараше да приложат сертификат за примени две дози вакцина против ковид-19.
Со преселбата од салата со куполи, каде што 10. парламентарен состав заседаваше во изминатите десетина месеци, првпат во овој состав е ставен во функција и електронскиот систем за гласање, наместо црвените, жолтите и зелените картончиња.