• Sat. Nov 23rd, 2024

Пратениците ги усвоија измените за минималната плата

Собранието денеска во второ читање ги усвои измените на Законот за минимална плата со кои се дефинираат условите за минималната плата од 18.000 денари. Тие треба да почнат да се применуваат со мартовската плата што ќе се исплати во месец април.

Законот за минимална плата беше изгласан со 90 гласа „за“, без против и воздржани.

Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска рече дека со дефинирањето на минималната плата на висина од 18.000 денари, има двојно зголемување од 2016 година, со што станавме предводници во Европа со висината на уделот на минималната во просечната плата.

„Работниците и вреднувањето на нивниот труд се наш приоритет. Очекуваме ова законско решение да влијае позитивно и на останатите плати во другите индустрии, со што се подобрува стандардот на граѓаните. Од 2017 година имаме континуирано зголемување на минималната плата и тоа во 2017/2018 година на 12,000 ден, во 2019 година на 12,507 ден, во 2020 на 14,500 денари и во 2021 на 15,194 ден. Сега со новиот предлог од март 2022 година минималната плата ќе изнесува 18,000 денари за разлика од 2016 кога минималната плата изнесуваше 10.080 денари Со оглед на тоа дека методологијата е промената очекуваме и зголемување на продуктивноста на трудот“, рече Тренчевска.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *