Лауреат на наградата Астер за животно дело од областа на филмската уметност е легендата на југоисточноевропскиот филм Желимир Жилник, автор на низа култни филмови, меѓу кои и „Рани трудови“ за кој ја доби наградата „Златна мечка“ во Берлин.
На денешниот настан на кој неговиот лик и дело ги портретираше м-р Мими Ѓоргоска-Илевска во просториите на Europe House Струмица, таа рече дека непокорливоста пред забраните и цензурата се можеби некои од најсилните одлики на неговото дело.
Жилник за себе, пак, рече дека никогаш немал компромис кога станува збор за филмовите. Го правел она што му е примамливо како тема, што го инспирира. Филмовите ги правел инстинктивно и се трудел да го задржи својот автентичен израз. Да им се даде простор на луѓето да ја искажат својата емоција, но и преку нив да измами емоции кај публиката.
Жилник, кој иако има 80 години, уште патува низ Евроап и светот, посетува бројни филмски фестивали, вели дека оваа награда значи дека филмската критика и јавност не го заборавила.