Пожарот што првично избувна во близина на Националниот парк во САД, прерасна во еден од најголемите пожари оваа година во Калифорнија, поради што беше издадена наредба за евакуација на илјадници луѓе, снабдувањето со електрична енергија на повеќе од 2.000 приватни и деловни објекти беше прекинато, јавуваат американските медиуми.
Пожарот избувнал во петокот попладне југозападно од националниот парк во близина на градот Мидпајнс во округот Марипоса и до саботата наутро зафатил површина од 26,5 квадратни километри, соопшти Калифорниското одделение за шумарство и заштита од пожари.
Наредбите за евакуација стапија на сила во саботата за повеќе од 6.000 луѓе кои живеат на неколку милји од ретко населената рурална област, рече Даниел Патерсон, портпарол на Националната шума Сиера.
„Експлозивното однесување на огнената стихија е предизвик за пожарникарите“, изјави утринава локален функционер и додаде дека до тој момент пожарот уништил 10 станбени и деловни објекти, оштетил уште пет и е закана за околу 2.000 згради.
Поради пожарот затворени се бројни патишта, вклучувајќи го и автопатот 140 помеѓу Карстенс Роуд и Олред Роуд, еден од главните патишта во Јосемит.
„Повеќе од 400 пожарникари, потпомогнати од хеликоптери, авиони и булдожери, се борат со пожарот во оваа рурална област во подножјето на Сиера Невада“, изјави портпаролот на Националната шума во Сиера, Даниел Патерсон.
Екстремно топлото време, ниската влажност и сувата вегетација, уништена од најтешката суша во последните децении, придонесоа за избувнување на пожари, рече Патерсон.