Бројот на новозаболени се намалува, намален број има регистрирано и кај приемите на болни во болниците, но имаме зголемен интерес за вакцинација и мерки кои остануваат да важат до 1 јуни. За ослободување од маските е рано, но може да се очекува организирање свадби и прослави во угостителските објекти само на отворено со протоколи, како и патувања во странство со најавата за издавање ковид пасоши од следната недела. -Бројот на новодијагностицирани случаи со коронавирусот навистина е мал и тоа се чувствува по притисокот во болниците. Огромен број на ковид-центри се вратени во нормална работа, целата хируршка клиника, добар дел од интерните клиники. Во нормална функција е вратен и Центарот за рехабилитација во Козле и Детската болница во Козле, а веројатно до крајот на оваа недела во нормала ќе се врати целата зграда на интерните клиники, изјави вчера министерот за здравство Венко Филипче пред Арена А1 СЦ „Борис Трајковски“, кој додаде дека капацитетот на исполнетост во болниците во земјава е меѓу 20 и 30 отсто