Полицијата од Гевгелија и Одделот за криминалистичка полиција вчера извршиле претрес во три правни лица поради наводите од грчките медиуми дека во дојранските казина се врши кривично дело фалсификување на Ковид сертификати. Одземена е службена медицинска документација за извршени тестирања за присуство на Ковид-19, направени на лица претежно од странство. Документацијата ќе се предаде на Основното јавно обвинителство гевгелија за натамошно постапување. Одземен е електронски дневник (книга) на издадени сертификати за периодот од 19 декември 2021 до денот на претресот, а исто така извршени се службени разговори со две лица. При претресот извршен е увид и преглед во компјутерската евиденција (списоци на грчки државјани кои се пријавиле за тестирање) на правното лице, како и во просториите на „импровизираниот“ медицински пункт во казино во Стар Дојран, соопшти МВР.
Нејасно е зошто е одземена документацијата за периодот после 19 декември, а не за претходниот перод, ако се знае дека Грција од тој датум дозвболува влез само со негативен ПЦР тест, а грчките медиуми објавија дека гостите од Грција добивале лажни негативни антиген тестови.
Сторијата на грчката телевизија Опен отвори и други прашања. Едно од нив е како влегуваат клиентите од Грција во земјава ако се знае дека од први септември македонската влада донесе ковид протоколи за влез во државата. Според тоа, секој патник треба да приложи сертификат за вакцинација со најмалку две дози вакцина, потврда за прележан ковид, не постар од 45 денови од денот на оздравувањето, негативен ПЦР тест или негативен брз антиген тест.
Значи, или гостите се задржуваат подолго од 48 часа, колку што е важноста на антиген тестовите, или воопшто не се почитувале протоколите за влез во државата.
Од Државниот здравствен и санитарен инспекторат велат дека досега немале пријава за ваков случај во Дојран, но затоа лани постапиле по слична пријава во мотел во Гевгелија.