Лицата кои сакаат да се вработат во Министерството за внатрешни работи ќе мора да направат тест за интегритет, пишува Фактор.
Освен на новите вработени, и на веќе „постарите“ полицајци ќе им биде направен ваков тест, а истиот нема да трае засекогаш, односно ќе мора постојано да се реоценува.
Исто така, од порталот додаваат дека за полициските службеници ќе се воведе и обврска за пријавување на нивниот имот и интереси, а истите нема да смеат ниту да членуваат во политички партии.
Овие нови правила ги предвидуваат измените на Законот за внатрешни работи, кој денеска е на второ читање пред пратениците од собраниската Законодавно-правна комисија.
„Заради спречување корупција и злоупотреба на службената положба, а со цел јакнење на интегритетот на работниците во Министерството и превентивно дејствување, организациската единица ќе врши проверка на интегритет преку спроведување тест за професионален интегритет на работниците“, е една од новите одредби што се додава во Законот за внатрешни работи. Оваа проверка кај работниците во МВР ќе се врши континуирано.
Во законските измени стои и дека тестот за професионален интегритет е „контрола на постапувањето на работникот во Министерството во симулирана ситуација, која е идентична на неговите работни задачи, без обврска за претходно известување на организациската единица во која е распореден и работи“.