• Fri. Nov 22nd, 2024

Поетесата Вања Изова-Велева ја доби наградата Даница Ручигај

Поетесата Вања Изова-Велева ја доби наградата Даница Ручигај на Друштвото на писателите на Македонија. Оваа награда ѝ припадна на струмичката поетеса за нејзината последна објавена збирка „Место за бегство“.

Во соопштените на Друштвото на писателите се вели:

Жири комисијата во состав: Васил Дрвошанов (претседател) и Ивица Челиковиќ и Зоран Пејковски (членови) едногласно одлучи наградата Даница Ручигај за 2022 година, што ја доделува Друштвото на писателите на Македонија, да ја добие Вања Изова Велева за книгата Место за бегство.

Стихозбирката на Вања Изова Велева со наслов Место за бегство (Скопје: Паблишер) содржи 30 песни, поделени во три циклуси: Прво пројавување, Второ пројавување и Трето пројавување.

Првенствено се наметнува впечатокот дека доминантен признак на нејзината поезија е „искрената лиричност на исказот“ (Мишел Павловски) проткаена во целата стихозбирка.

Мошне впечатливо е присуството на поимот ’страв‘ во поетската книга Место за бегство на Вања Изова Велева. Поимот ’страв‘ во повеќе димензии е присутен во повеќе песни од оваа стихозбирка.

Поетската книга Место за бегство на Вања Изова Велева се надоврзува на книгите поезија: Вентил на постоењето (1993), Смртта на рибата (1995), Зашиени грла (1997), Правта не зборува (2002), Плач во кутија (2007), Бездна угоре (2010), Позајмена прашина (2013), Безмалку, избор (2016) и Чекор по жица (2017). Освен тоа, таа е авторка на прозните записи: Неколку легенди за Струма (2011) и Жената и каменот (2013. Авторка е и на документарниот филм за Дојрана, а коавторка е на монографијата Чекори по ѕвездените штици.

Поетската книга Место за бегство, вклучувајќи ги и другите нејзини поетски книги, Вања Изова Велева ја изделуваат како поетеса со посебен сензибилитет на македонската поетска мапа и сосема ја заслужува наградата Даница Ручигај.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *