Подбеласичките села живнаа за новогодишно-божиќните празници. Стотици семејства се вратија да прослават со своите најблиски. За разлика од лани, кога поради ограничувањата што ги наметнаа западноевропските земји овој крај остана празен, деновиве тука е раздвижено и бучно. Панде Пецев од Габрово вели дека и годинава не дошле сите, но сепак не е ни пусто како минатата година.
Кога и да се споменат верските празници, најмногу внимание привлекува Колешино, село со четири цркви и исто толку христијански верски заедници.
Но, и покрај тоа што во село со околу 800 жители има четири цркви, мештаните велат дека взаемната почит е над се.
Свештеникот во православната црква, отец Максим Пармачки во овде е веќе две години. Вели дека колешани се пример за соживот, пријателство и прифаќање.
Освен пријателството, колешани ги врзува и иста судбина. Подеднакво се селат верниците од четирите цркви во потрага по подобар живот и посигурна иднина. Во селото има се помалку млади и деца, а повеќе возрасни, кои останати сами да се снаоѓаат во осаменоста и староста.