Нов топлотен бран денеска долж Неретва под Стариот мост во Мостар го подигна термометарот на неверојатни 50 Целзиусови степени.
Граѓаните и туристите спас од неподносливите горештини бараа со капење во Неретва или миење во градските фонтани, објави порталот Klix.ba.
Апликациите на мобилниот телефон покажувале дека официјалната температура во Мостар била 41 степен, додека температурата во автомобилите и на градскиот асфалт била и до 10 степени повисока, според медиумот.
Мостар со години важи за најтоплиот град во Европа, поради што во летните месеци работното време во многу фирми и институции се менува и скратува токму поради горештините.
Според новинарските написи, градските улици се пусти, а ретките минувачи се заштитуваат од сонцето со капи и разни реквизити заедно со основните шишиња со вода.
Поради високите температури во последните денови зголемена е вклученоста на Итната медицинска помош во Мостар.