Почнува филмскиот фестивал „Астерфест“ кој во фокусот го става краткиот филм. Секоја година се селектираат филмови од автори од целиот свет и се прикажуваат за време на фестивалските денови. Годинава во конкуренција се 18 филмови за наградите златна, сребрена и бронзена потковица, како и наградите „Ацо Алексов“ за најдобар автор и „Ѓорги Абаџиев“ за најдобро сценарио.
Вечерва на првата фестивалска вечер ќе има проекции на седум филмови. Прв е „Северен пол“ на Марија Апчевска. Сите проекции заедно траат 130 минути.
Организатор на фестивалот до 2017 беше Асоцијацијата за фестивалски активности „Тивериополска Филмска Алијанса“, а од 2019 фестивалот го организира продукцијата „Револушн“. Уметнички директор на Астерфест е основачот на фестивалот Горан Тренчовски.
Астерфест прерасна во значајна филмска манифестација од ваков тип не само во Македонија, туку и во балканскиот регион и пошироко.