По една година пауза продолжуваат работите на изградбата на објектот на стариот театар во Струмица. Поради пандемијата со ковид активностите беа целосно прекинати. Зградата надворешно е завршена подолг период. Останува да се работи на внатрешноста, што е еден од најголемите предизвици.
Од управата на Завод и музеј Струмица велат дека реални се очекувањата театарот да биде готов за околу една година. Во меѓувреме многу од договорите за набавка на опрема се раскинати, голем дел од барањата се променети, па најверојатно повторно ќе се размислува за најдобри и најсовремени решенија на сцената и потребната технологија.
Изградбата на стариот театар се претвори во процес без крај, откако за првпат почна изведбата на проектот во 2014 година. Најпрво изградбата застана поради промена во проектот, а потоа поради недоразбирања со изведувачот и надзорот.
Инаку, зградата на стариот театар е надвор од употреба речиси 40 години. По завршувањето, струмичкиот театарски ансамбл ќе се врати и тука ќе се создаваат и играат претставите на театарот Антон Панов.