• Sat. Nov 23rd, 2024

Пијанманов: Без уметност не можеме да живееме благородно

Со уметникот Никола Пијанманов разговаравме на релација Струмица-Париз. Интервјуто почна неофицијално, некаде во деновите кога тој ги завршуваше последните подготовки пред неговото париско изложување, а сега, кога впечатоците од изложбата се стаени во неговите мисли и душа, го завршивме ова наше препишување за уметноста, за патувањата, за животот како уметник.

Твоите дела се изложени во познатата Citéinternationale des art, каков предизвик претставуваше за тебе како уметник да изложуваш во овој простор?

Се чувствуваш како дел од онаа непрекината низа ликовни вознесенија кои со векови го полнат овој град и од него створија еден вид Ерусалим на ликовните уметности. Можноста сам да го изберам просторот за поставување на моето дело, беше од посебна значајност за самиот концепт на сликата која ја работев тука. Сликата е своевиден палимпсест од сите дела и феномени кои ги истражував цел месец во Париз. Од гробниците, преку мостовите на Сена, катедралите и базиликите, катакомбите и галериите, од сите скулптури на знајни и незнајни мајстори кои стојат на отворено и пркосат на времињата, од бурната париска револуционерна историја која се чувствува на калдрмисаните улици…Таа е поставена во еден премин, помеѓу две згради од осумнаесетиот век. За мене најголемата радост и признание беше, кога посетители, минувачи, мислеа дека сликата отсекогаш стоела и припаѓала на стариот ѕид. Се оствари посакуваната комуникација со времињата и просторот.

Пијанманов пред изложените дела во Париз

Оваа куќа е своевиден дом на уметниците од светот повеќе од 70 години. Колку ти е значајно твоето име да е впишано во плејадата уметници коишто твореле тука?

Најзначајно! Затоа што гледајќи ги делата во Лувр, Клуни, Орсеј, во средновековните катедрали, низ парковите и градините, можете само едно да заклучите: Овој град е една Ноева арка, која ги згрижува уметничките дела подготвувајќи се за крајот на светот. За крај мислам пред сé на вандализирањето, уништувањето, пасивно или активно на уметничките наследства. И навистина е така. Сигурноста на делата и самиот однос кон нив, овде е различен од оној кај нас. Ние сме земја на заборавот …како да сакаме што побргу и полесно да го заборавиме бремето на историјата, селектирајќи ги лошите нешта, фрлајќи и ослободувајќи се од убавите. Уметноста во Париз е чудесен континуитет на човечката верба во убавото и нераспадливото. Затоа уметноста не може да се дефинира како современост, таа е безвремена. Дела стари триста години ви изгледаат модерни и дела од современи уметници личат како да се створени пред три века. Тоа е една огромна почит и восхит, благодарност и влијание од мајстор до мајстор, од генерација до генерација, од човек до човек, од уметник до уметник. Нема ништо ново, сите векови на творење се само надоврзување на една иста суштина и големина. Огромна благодарност кон секој творец, секој претходник и секој наследник, една скала на вредности која се движела постојано напред и назад, не исклучувајќи ниту една епоха, ниту еден миг од протекувањето на творечкиот дух низ телата и формите на земјата. И пред сé почит и респект меѓу уметниците кои доаѓаат од целиот свет.

Да се потсетиме дека во своите творештва најголемиот пресврт го постигнале токму во Париз, нашите големи сликари Никола Мартиновски, Лазар Личеновски, Борко Лазески, Глигор Чемерски, Коле Манев. Тие сите твореле периодично во ателјеата покрај Сена и одовде ги носеле своите свежи искуства дома, во Македонија. Модерната сликарска школа кај нас почнува, точно по враќањето на Мартиновски и Личеноски од Париз .

Силно посакувам еден ден да ги видиме овде изложбите на Кондовски, на македонските средновековни икони, Куновски, Владимир Георгиевски, Мазев. Секоја земја го презентира своето творештво во големите галерии на Париз. Мораме да почнеме да ги извезуваме нашето богато ликовно творештво надвор од земјата. Верувам дека некогаш некои од овие дела ќе станат и дел од богатите интернационални колекции на музеите. Неизмерна гордост и радост беше мигот кога видов дека икона од Македонија, од 16 век, стои во постојаната средновековна поставка на Петит Пале.

Последните детали пред поставување на изложбата

Отвора ли резиденцијалниот престој нов видик, како оваа средина те инспирира?

Овде престојуваат уметници од целиот свет. Секој од нив доживува посебно, и на свој начин еволуира во стилскиот израз и естетика, па така делата добиваат една нова димензија, би рекол париски шмек. Но, значајно е да се направи синтеза од она кое го носиш со себе, од дома, од твојот личен израз и идентитет, не да се растопиш во океанот од безбројни ликовни школи и различности кои го наметнуваат своето влијание во овдешните галерии. Најдобар е примерот на Мартиновски. Тој го пренесува видливо и сосема воочливо влијанието од париската школа меѓу двете светски војни, посебно она од Модилијани, Паскин и Сутин, но го преобразува преку својата лична социјална приказна и душевна драма, преку моделите, убавините и проблемите кои го опкружуваат дома.

Мене најмногу ми значеа париските скулптури.  Вајарите на деветнаесетиот и почетокот на дваесетиот век, творештвото на Огист Роден, Антоан Бурдел, Камил Клодел, Жил Далу, Пол Ландовски… Драмата и движењата во фигуративниот израз на овие уметници, се толку актуелни и значајни за мојот светоглед и естетски- духовен интерес кон вечните теми, потрагата по смислатана животот, но и на смртта, онтолошкото преиспитување на човекот, себеспознание и истражување до максимумите на возможноста. Од портата на пеколот на Роден, до влезот во гробницата „Пјер Лашес“ од Алберт Бартоломеј, преку скулптуралната група „Каиновиот род“ на Ландовски. Во моментов сум окупиран со човекоцентричната тема.

Кое место во Париз посебно те допре како уметник, направи ли поврзување со некој објект, некоја точка во градот која ти даде нова енергија?

Секое место обликувано и допрено од рацете на уметникот е од непроценлива вредност. Овде уметниците навистина имале и простор и можност, но и време да се изразат. А времето, и тоа е најчудно, на еден метафизички начин, не е логично точно. И гледајќи ги сите тие гравури, скулптури, слики и цртежи, декорации од камен и слики во стакло, дали е возможно тие да се условени од времето? Сто, двеста, триста години, а ,,модата” ништо не можела да направи во врска со длабочината и квалитетот на париската естетика! Јавните дела се поставени на секој мал плоштад, на секоја фасада, гробница, црква, паркови, слепи улици. Париз дише преку две презентации на делата, оние на отворено кои совршено функционираат во просторот и оние во музеите и сакралните објекти, во затворен простор. Борбата меѓу стиловите и разликите се очигледни, но нешто друго за мене е посилно, нешто кое ние мораме да го научиме како лекција, за да се продолжи по вистински пат, нужен за развојот на македонската ликовна уметност. Тоа е континуитетот! Нашите уметници во минатиот век тоа доста добро го знаеле и го практикувале. Треба да се престане со безусловната потрага по оригиналност, по секоја цена, по модерноста која е ограничена од контекстот на брзиот живот и електронските техники. Да се престане со неприродното форсирање на младите ликовни уметници, во правец на ненормално брзање и приземјување на ликовните идеи и концепти, според потребите на индустријата, банализирање на творештвата до степен на баналност и непрепознатливост. Fast Print Art.  Уметникот треба да пие од соковите на своите претходници, на старите духовни и културни вредности кои ќе бидат поставени во модерен контекст. Да комуницираат со своите предци на жив и слободен начин. Според мене, подобро е стилското наликување и влијание од мајсторите кои живееле пред нас, отколку оригиналност без никаква смисла и длабочина.

Извесен период ги гледаме кај тебе мотивите од христијанството, во еден мистичен, речиси филозофски приказ. Те држи ли уште таа инспирација?

Тие теми во Париз уште повеќе се интензивираа. Истражував длабоко по духовните аспекти на градот, а посебно за нивната светителка и заштитничка од шестиот век Св. Геновева. Таа живее и се соочува со предизвиците од варварските напади врз Париз и опустошувањето на христијанските вредности на градот. Светителка која се спротиставила на вандалите. Со време станала симбол на убавото и таа е фигурата која во прегратка го држи и заштитува Париз. Централниот дел од мојата слика е посветена токму на неа. Ги подава златните дланки кон страдалните фигури кои се движат лево и десно кон неа, кон центарот. Византиско – црковната естетика е одамна вткаена во моите платна како подлога, како основа врз која ја сликам агонијата на животот и страдањата на современиот човек, во смисла на негово повторно преобразување и преобликување, во потрага по бесмртноста и смислата. Многу уметници и куратори овде, го препознаа тој момент во моите париски слики. Таа точка на поврзување на старото со новото, на идеен и на технички план.

Дали твојата уметност ти помага да размислуваш, да синтетизираш заклучоци, или најчесто те збунува? Те изненадува ли често делото како се развива или како излегува ако се вратиме на првичната идеја со која си тргнал?

Одлично прашање кое може да го постави само некој кој самиот твори и се соочува со проблемите на реализација на идеите во дела. Уметноста пред сé ми помага да возвратам на она кон кое силно чувствувам љубов и духовна привлечност. Еден вид дар за музата или духот кој ме полни со енергија да творам и живеам во креативен занос. Благодарност кон Бог. Цврсто верувам во тоа дека уметничкиот пат е духовен и тоа е еден вид изодување на земниот пат пробивајќи се низ мачнотијата на телото и неговите слабости, на душата и искушенијата, низ злото кое демне врз секој креативен чин, врз секоја различност. За самото оформување на едно дело, претходат многу подготовки во форма на текстови, макети, цртежи понекогаш и само медитација и изолација. Делото се раѓа во срцето, ако таму не се случи, тоа нема да се реализира никогаш во стварноста. Сé што се случило во духот ќе се одрази во делото. Обратно не. Ван Гог првин бил фатален љубовник на уметноста, после и самиот станал уметник. Во музејот на Пикасо, овде во Париз, прочитав што кажал уметникот како одговор на едно доста банално прашање:

– Зошто станавте сликар?

-Затоа што од мал обожувам слики и немав доволно пари и можности да си ги купам за мојот дом. Така почнав самиот да ги сликам.

Се разбира тоа е иронија, но во неа се крие и голема вистина.

За изненадувањето од самиот процес на делото… секако дека постои. Не верувам во дела кои се реализирани по точна формула. Колку и да имате точен план за нешто, морате да верувате во интуитивната слобода на развојот на самото дело. Тие имаат свој внатрешен живот независен од нас. Да оставиме да издише секое дело без да го загушиме со нашите концепти и формули за тоа како треба да изгледа едно совршено дело. Во најсовршените слики на Леонардо да Винчи, изложени во Лувр, има мали несовршености, недовршености кои го прават делото живо. Затоа што единственото пресовршено нешто е само неживото, измисленото. Животот е полн процепи преку кои мора да прими воздух. А уметноста е најблиска до животот.

Затоа најтежок е крајот , завршувањето на  едно дело, иако е тоа и најубавиот момент. Но, тогаш обично се уништува животот во едно дело, тогаш излезени од визијата и заносот, сме префрлени во сферата на набљудувањето и споредбите, гледаме поинаку и се обидуваме да им дадеме логичен тек на нештата.  Уметникот мора да биде внимателен на крајот. Не сум видел неубаво незавршено дело, туку многу прегорени и упропастени „успешно“ завршени творби.

Освен низ ликовниот израз, те среќаваме и како ликовен критичар, есеист, а особено во театарската уметност како поддржувач на независната сцена, продуцент, сценограф и сега со најновото филмско-документарно остварување, „Трн“. Колку е важно сето ова, целата оваа активност, во градењето на твојот уметнички идентитет?

Секој уметнички израз е подеднакво значаен во моето оформување како автор. Јас не можам да ги поделам уметностите. Пред да станам сликар, пишував, пред да пишувам  многу читав, оттаму и театарот го засакав, па и сценографијата во него. Дадена ни е можноста да се изразиме низ многуте методи и да ја кажеме истата и една вистина за нас и за она кое го доживуваме. Јас најмногу сакам да се дружам со уметници кои имаат спротивни методи на израз од мојот. Театарски режисер, музички композитор, актери, филмофили и поети. Од нив се хранам и ги продлабочувам ликовните сфери. Есејот е исто така израз кој ми помага да си ги соберам мислите и импресиите на едно место. Да не избегаат, да бидат селектирани во хаосот на информации и мисли кои нé гушат секој ден. Ликовно – филозофските текстови кои ги пишувам за списанието „Премин“ се еден вид складирање на моите погледи и размисли за значењето на уметноста во оформувањето на личноста. Без уметност не можеме да живееме благородно. Пробајте да ја избришете од светот кој го познавате. Ќе сфатиме дека овој свет би бил досадно и неподносливо место за постоење.

Струмица-Париз 7 август 2022 год.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *