• Fri. Nov 22nd, 2024

„Пица струмичанка “ ги изненади Светските пица мајстори во Италија

Бранко Глигоров – пица мајстор од „Концепт“ Струмица беше единствениот претставник од регионот на шампионатот на светските пица мајстори што се одржа во Римини Италија. Станува збор за еден од најпрестижните натпревари со повеќе од 30 години традиција каде доаѓаат пица мајстори од сите страни на светот кои мора да знаат да направат пица тесто според италијанската традиција.

Глигоров по настапот на Европското првенство во Бугарија, пица специјалитетите на Концепт кои ги приготви и ги презентираше и во Италија каде го сврте вниманието на учесниците посебно со „пица струмичанка“. Глигоров освен што направи оригинално италијанско пица тесто (романа) тој направи и спој на вкусовите на традиционалната македонска кујна со светските трендови на приготвување пица.

„Се натпреварував во 2 категории блага и солена пица. Солена со тесто од романа а состојките беа традиционални од струмичкиот крај како ајвар, овчо сирење, босиљок, а додадов и мортадела и пармезан. Спој на македонската кујна со традиционалното италијанско тесто за пица. Благата пица пак ја направив со Наполитана тесто по италијански рецепт (со висока хидратација) одозгора – смути од јагода, крем од бело чоколадо, јагода и рибизла и малина и мента – пица concept“, ни изјави Глигоров

Бранко смета дека важен сегмент освен вкусот е и декорацијата на самата птица. Естетиката му е многу важна за да ги разбуди сетилата за вкус. Од таа причина тој сака да експериментира со вкусовите и состојките. Тој вели дека неговите пици ги оценувале дури 12 судии, а на натпреварот се појавиле над 1.000 пица мајстори од целиот свет.

„Италијанците генерално знаат дека во Македонија имаме квалитетни пица мајстори. Јас како дел од тимот на Concept го докажав тоа. Ме прашуваа за рецептот, беа исклучително задоволни од вкусот и состојките на пиците. Условите под кои се одвиваше првенството беа навистина строги. Како учесник кој првпат е на ваков натпревар, добро се вклопив. Се надевам дека наредната година ќе ги исполнам сите услови, критериуми. Имаше многу публика а не оценуваа повеќе од 12 судии. Во секој моментот имавме предизвик да ги задоволиме нивните вкусови, и критериуми за тестото, изгледот на тестото, перцепциите за пица. Хидратацијата мора да биде над 80% на тестото што тешко се постигнува. Презентацијата на пицата беше клучен момент во донесувањето на одлуките за судиите“ вели Бранко кој се пласираше меѓу најдобрите 30 пица мајстори и обезбеди директен пласман и идната година

Бранко вели дека стекнал дополнително искуство на овој натпревар. Новите знаења ќе ги преточи во интересни рецепти кои ќе се најдат на менито на Концепт.

Бранко седум години е пица мајстор а во својот професионален живот работел во Хрватска, Германија, Италија што го прави еден исклучителен врвен пица мајстор не само во Струмица туку и во земјата.