По примањето на Светиот Дух апостолите се растуриле по светот за да ја проповедаат светата Христова вера. На тој план меѓу нив најповеќе се истакнале светите апостоли Петар и Павле. На иконата светите апостоли Петар и Павле се претставени заедно. Петар со клучеви од рајот, а Павле со меч, симбол на сопствената смрт.
Според некои народни верувања Петар и Павле се иста личност, според други, пак, тие биле браќа. Во народното верување Петар бил богат и сербес (кабадахија), а Павле сиромав и праведлив. Меѓутоа, како што е познато Петар не бил брат на Павле туку на Андреј. Наречен Првоповикан затоа што бил првиот Христов ученик.
Кој е апостолот Петар?
Светиот апостол Петар е роден во селото (според други мало гратче) Витсаида на брегот на Галилејското езеро. Потекнувал од рибарско семејство. Еднаш кога ловеле риби на езерото ги видел Исус и ги повикал. Петар заедно со брат му Андреј го напуштиле рибарскиот занает и му се придружиле. Така од ловци на риби станале ловци на човечки души. Првото име му било Симон, а кога Исуса го признал за син Божји, овој го нарекол Петар, што значи камен. Исус сакал да каже дека својата црква ќе ја изгради врз верата на Петар што била цврста како камен.
Како верен Христов ученик Петар бил со својот учител во многу прилики во кои не биле другите апостоли. На пример при преобразувањето (Преображение), при воскреснувањето на Јаировата ќерка и слично. Петар предложил да биде избран нов апостол на местото на Јуда кој по предавството се обесил. Со коцна бил избран Матеј и со тоа бројот на Христовите апостоли пак станал дванаесет. По слегувањето на Светиот Дух врз апостолите кога овие се исполниле со него и започнале да зборуваат на разни јазици. Народот помислил дека се пијани. Но, Петар одржал впечатлива беседа кажувајќи дека тие не се пијани туку дека се исполнети со Светиот Дух. По оваа беседа Петар ги повикал присутните да ја примат Христовата вера и тој ден се крстиле 3000 луѓе.
Затоа што бил силен поборник и пропагатор на Христовата вера Петар бил трн во очите на еврејските свештеници. Тие чекале погодна прилика да му се одмаздат. Еднаш на стари денови Петар дошол во Рим. Тогаш таму владеел Нерон, голем безбожник и тиранин, противник на христијанството. Христијаните ги фрлал во арените со лавови. Тој и апостол Петар го осудил на смрт. Но, кога сакале да го погубат со распнување Петар ги замолил да не го прават тоа. Рекол дека не е достоен да умре како својот учител Исус Христос, туку да го распнат со главата надолу. Егзекуторите така и направиле. На 12 јули, во 61 год., светиот апостол Петар во големи страдања го завршил животот. Во близината на Рим, истиот ден исечен од противниците на Христијанството е и светиот апостол Павле. Затоа светата Христијанска црква споменот на овие двајца апостоли го празнува во ист ден.
Кој бил апостолот Павле?
Тој не бил меѓу оние познати 12 Христови апостоли. Во почетокот бил противник на христовата вера и прогонувач на христијаните. Подоцна станал најсилен пропагатор на ова учење. Роден е во гратчето Тарс, во областа Каликија во Мала Азија. Првобитното јудејско име Савле (што значи измолен) сам го променил во Павле (од римски павлус – мал, малечок). Родителите го дале на училиште и набрзо уште мал станал образован човек. Се занимавал со ќилимарство и од тоа живеел. Кога се појавило христијанското учење бил на страната на еврејските свештеници кои се бореле против оваа вера. Кога дошло до првиот судир во кој загинале многу Христијани и Савле бил на страната на еврејските свештеници. Ги фаќал Христијаните и му ги предавал на судот. Учествувал и во каменувањето на св. Стефан Првомаченик, по што му ја зел облеката.
Патувајќи за Дамаск да се бори против Христијаните му се случило нешто што од корен го изменило неговиот живот. Одеднаш блеснала силна светлина и тој веднаш ослепел и паднал на земјата. Од светлината слушнал глас: „Савле, Савле, зошто ме прогонуваш?” „Кој си ти?” – прашал исплашениот Савле. „Јас сум Исус кој ти го прогонуваш!” – одговорил гласот. „Господе, што да правам?” – запрашал Савле. „Стани и оди во Дамаск. Тамо ќе ти кажам што да правиш!“
Савле станал но ништо не гледал. Придружбата го одвела во Дамаск каде што останал три дена. На третиот ден дошол еден побожен човек кој му рекол дека е испратен од Исус. требало да му каже дека е време да прогледа и да се исполни со Светиот Дух. Во тој момент му се вратил видот, тој се крстил и од противник на Христјанството станал негов најголем афирматор.
Верувања и обичаи
Петровден повеќе се смета за црковен празник, постарите луѓе одат во црквата, а кој постел во Петровденскиот пост се причестува. На овој ден може и да се работи зашто е во време на најголемата жетва, а според верувањето дури и светецот (Св. Петар) тој ден земал срп и жнеел. Некој го држат празник само до пладне, а попладне работат. Во Галичник Петровден се сметал за голем празник, тогаш иделе печалбарите и тогаш се правеле и свадбите. Останало забележано дека некогаш во еден ден имало 50 свадби, а удирањето на тапаните се слушало дури во Албанија.
Интересни обичаи и верувања поврзани со Петровден се забележани во Куманово. Тој ден рано наутро уште пред сонце, оделе во бавчите и нивите, особено оние со бостан и од сите четири страни фрлале ситни камчиња. На тој начин според верувањето засновано на принципот на имитативната магија се влијае врз бостанот многу да врзува и брзо да расте.
Во Гевгелиско за јадење на овој ден правеле млечник за да бидат цела година благи како млекото, а во Скопска Црна Гора се верувало дека кој ќе се омрси во Петровденските пости ќе се скрастави. Во овој крај ако било сушно времето на овој ден носеле крсти (литии) и со песната „Крсти носам бога молам” се молеле за дожд.
Павловден жените го држат како празник повеќе од Петровден. Во некои места на овој ден не се работи за од пајаци, да не го каснат некого при полските работи, жетва, врзување снопови, и сл. Се верува дека човек каснат од пајак на овој ден тешко ќе оздрави. Затоа овој ден е познат и како Пајаковден.