Претседателот Стево Пендаровски се обрати на комеморативната вечер по повод одбележувањето на 79-годишнината од холокаустот на македонските Евреи, што се одржa во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија, а во организација на Еврејската заедница и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија.
На комеморативната вечер, одржана во рамки на програмата за одбележување на 11 март 1943 година, денот кога 7.144 македонски Евреи од Скопје, Битола и Штип беа депортирани во логорот на смртта Треблинка, Пендаровски присуствуваше и на отворањето на изложбата „Живот“, посветена на преживеаните Евреи кои се вклучија во обновата на еврејската заедница и во изградбата на новосоздадената македонска држава.
Во своето обраќање, Пендаровски истакна дека историјата нè учи дека во времиња на кризи и конфликти популистите ги хранат луѓето со страв и гнев кон послабите и поранливите.