Како држава го постигнавме нашиот, досега најголем надворешнополитички успех, во голема мерка благодарение на Армијата, вели Врховниот командат по повод 30-годишниот јубилеј на АРМ.
Професионална, ефикасна, храбра и посветена на безбедноста, но и успешна во поддршка на државните институции во мирновременски услови при справување со пожари, поплави и други непогоди. Ако некој со години е на врвот според довербата што ја има кај граѓаните, тоа е токму таа – македонската Армија, која денеска (18.08) слави 30-годишен јубилеј. За нејзин роденден е избран 18-ти август, денот кога во 1943 година на Славеј Планина, во областа Дебарца, бил формиран баталјонот „Мирче Ацев“, кој се смета за првата организирана воена формација на НОВ на Македонија.
Јубилејот го прославува во време кога земјата е веќе две години членка на НАТО.
„Армијата беше главниот двигател за нашето членство во НАТО. Уште на самите почетоци, државата ја дизајнираше македонската одбрана со јасна цел и намера – еден ден таа да биде целосно интегрирана во евро-атлантскиот безбедносен систем“, вели за ДВ претседателот на Република Северна Македонија и врховен командант на вооружените сили, Стево Пендаровски.
„Иако минавме низ неколку периоди на непринципиелни надворешни блокади и погрешни внатрешни приоритети што го забавуваа нашиот од кон колективните безбедносни системи, Армијата постојано се реформираше и помогна да не отстапиме од реализација на нашата стратешка цел. Како држава го постигнавме нашиот, досега најголем надворешнополитички успех, во голема мерка, благодарение на Армијата и на нејзините храбри жени и мажи во униформа“, оценува Врховниот командат.