Горан Пандев и официјално потврди дека ја заврши фудбалската кариера, нешто што веќе се знаеше и на почетокот на оваа сезона, кога го немаше во составот на последниот клуб за којшто играше, италијанскиот второлигаш Парма.
Популарниот „Ил Мачедоне“ имаше прекрасна кариера, грото со настапи во Италија, а круна беше шампионската титула со Интер во Лигата на шампионите во 2010 година и, секако, настапот со репрезентацијата на Македонија лани на Европското првенство.
„По 20 години кариера, доста е со фудбал. Мојот син наполни 13 години и во целиот живот успевав малку почесто да го видам само во паузите меѓу две сезони. Сега дојде време да уживам со моето семејство. Веќе никако не ми влегуваше во глава дека ќе морам да одам на нови подготовки и знаев дека е доста. Ќе останам во фудбалот бидејќи друго и не знам да работам. Сè уште не знам што, но не сакам да бидам тренер. Можеби агент, спортски директор…“, изјави Пандев за „Газето дело спорт“.
Претходно, лани на ЕП на дуелот со Холандија во Амстердам, Пандев се прости од настапите во дресот со националните обележја на Македонија.