Хуманитарните организации упатија итен апел за донации поради разорните поплави во Пакистан. Според агенциите се појавиле нови сателитски снимки кои покажуваат дека дури третина од таа огромна земја сега е под вода.
Откако Британскиот комитет за вонредни состојби (DEC) започна кампања за собирање средства за помош на 33-те милиони погодени од поплавата, Европската вселенска агенција (ESA) објави фотографии направени од својот сателит Коперник, пренесува Јутарњи.хр.
Сликите ја потврдиле проценката на пакистанската влада дека повеќе од една третина од земјата – област приближно со големина на Велика Британија – е поплавена од монсунски дождови, кои се проценуваат дека се 10 пати пообилни од вообичаеното.
„Реката Инд се излеа и создаде огромно езеро широко десетици километри“, соопшти ЕСА.
Поплавите однеле повеќе од 1.100 животи, вклучително и 399 деца, уништиле повеќе од милион домови и земјоделски култури, добиток и голема инфраструктура како патишта и мостови.
Во четвртокот, Салех Саид, главен извршен директор на DEC, побара од британската јавност да помогне.
„Времето е од суштинско значење бидејќи се очекува условите дополнително да се влошат бидејќи дождот продолжува да паѓа. Помогнете колку што можете“, изјавил тој.
Хуманитарните работници се борат со огромни логистички тешкотии за да стигнат до милиони луѓе кои имаат потреба, особено во југоисточната провинција Синд, каде нивото на водата останува високо. Дури и во областите каде што водата малку се повлекла, дистрибуцијата на помошта е отежната поради оштетените патишта, паднатите далноводи и блокираните пруги.
Васим Ахмад, извршен директор на хуманитарната организација Islamic Relief Worldwide, рече дека бил во земјата за време на поплавите во 2010 година, во кои загинаа речиси 2.000 луѓе, но дека ситуацијата сега е многу полоша.