Делата создадени од последното издание на Меѓународна струмичка ликовна колонија, синоќа беа промовирани во НУЦК Антон Панов во Струмица. Станува збор за традиционална изложба која се отвора на Денот на ослободувањето на Струмица 11 ти септември. Беа презентирани сите дела што ги работеа уметниците минатиот месец а како што кажа в.д. директорката на Центарот за култура, Танкица Стојанова, колонијата дава постојано нови дела кои го збогатуваат фондот
,,Од почетокот до денеска на оваа колонија учествувале над 1400 ликовни творци од сите страни на светот, од кои голем број беа еминентни уметници со богато и докажано меѓународно реноме. Во овие 59 изминати години Меѓународната струмичка ликовна колонија се здоби со исклучително богата ликовна збирка, така што ликовниот фонд од преку 2.750 дела изработени во сите ликовни дисциплини годинава е збогатен со нови ликовни продукти. Таквото ликовно богатство е немерливо, па токму заради тоа треба да бидеме горди на него, рече Стојанова.