Претседателот на Владата, Зоран Заев, заедно со вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, и градоначалниците на Град Скопје, Петре Шилегов, и на општина Карпош, Стефан Богоев, присуствуваа на отворањето на новиот модерен спортско-адреналински парк на кејот на Вардар во населбата Карпош 4.
Паркот се протега на над 10.000 метри квадратни, а како што посочи премиерот Зоран Заев, истиот е во вредност од над 700.000 евра од ЕУ и локалната самоуправа.
„За овој ултра модерен адреналински парк сакам да упатам благодарност за поддршката до Делегацијата на Европската Унија, која препозна успешен проект и на Општината која аплицираше на повик и беше доделен грант во висина од 38 милиони и 100 илјади денари во рамки на Проектот за локална и регионална конкурентност преку кабинетот на заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, и Светската банка.
Дел од инвестицијата е и на локалната самоуправа, која во овој проект вложи околу шест милиони денари со што вкупната вредност на адреналинско-рекреативниот парк е над 700.000 евра“, рече премиерот Заев по обиколката на реквизитите и одделните секции на новиот парк, која ја изврши заедно со амбасадорот и шеф на Делегацијата на Европската Унија во нашата земја, Дејвид Гир, со претставници на Проектот за локална и регионална конкурентност, на Светската банка и на компанијата која ќе раководи со паркот.