• Fri. Nov 22nd, 2024

Отец Тимотеј: Нема што да се разговара за името, тоа е МПЦ-ОА и останува

По денешниот почеток на обединувањето на Македонската православна црква-Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) со Православната охридска архиепископија (ПОА) на Јован Вранишковски, која до 2002 година функционира во единство со Српската православна црква (СПЦ), отец Тимотеј уверува дека за менување на името на црквата на денешната седница не станало збор. Тој тврди дека останува името Македонска православна црква-Охридска архиепископија.

„Нема што да се разговара за административно име. Името е Македонска православна црква-Охридска архиепископија, тоа останува, независно кој како сака да нè нарекува. Ние ќе се викаме како што се викаме“, рече отец Тимотеј.

Условувањето со името од страна на СПЦ доаѓа откако тие дадоа условен Томос. Во него, меѓу другото, стоеше дека МПЦ треба да има име признаено од сите други цркви.

На денешната седница Синодот им додели епархии на владиците од ПОА на Вранишковски. МПЦ дополнително ќе објави кои епархии се отстапени откога одлуките ќе ги усогласи со Српската православна црква. Конечното обединување на МПЦ и ПОА очекуваат да се случи по соборот на СПЦ на 14 или 15 мај.