Насир Усеини поседува воденица стара околу 500 години и како петта генерација во Теарце ја продолжува традицијата на мелење брашно со помош на силата на водата. Но, воденицата некогаш престанува да работи, оти до неа не дотекува вода. Сомнежот е во изградените мали хидроцентрали.
„Точно, тоа е точно. Има некогаш застој и ќе прекине за да ги наполни цевките. Цевките нивни се едно метро ширина. И тој кога ќе ја сопре овде ќе застане. Дури да ги наполни тие цевките, затоа што можеби има четири километри од овде до првата централа горе. И тие кога ќе влезат во цевките, реката не може да стигне. Реката ќе се намали“, вели воденичарот Усеини.
Го прашавме дали тогаш воденицата престанува да работи? „Престанува, да работи – саат, два“, одговара Усеини.
Во тетовското село Теарце има три мали хидроцентрали. Покрај со воденицата, Усеини тврди дека има проблем и со водата за пиење, па селаните полнеле вода од друго место или купувале во продавница. Тој гледа уништување на природата со изградбата и работата на малите хидроелектрани.
„Отвори пат, ни ја уништија природата, буките, мислам планината ни ја уништи целосно. Се оди со џип, со кола, трактор до Три води. Имаме место викано Три води. Таму завршија сѐ – уништија дрвја, сѐ. Рибите ни ги уништи може да речам 70-80 проценти. Риба нема во реката. Порано јас сум бил риболовец. Сум фаќал риби по килограм, по 900 грама, по 700 грама. Сега нема таква риба, не постои. Трето, патот што ни се отвори од хидроцентралите го уништи и ловот горе. Јарецот, козата, еленот, срните – дивечот ни го уништи и може да речам 70, 60 проенти“, додава Усеини.
Во близина на една од нив, каде имаше дополнителни градежни активности, го сретнавме Вахедин Реџепи, кој има имот спроти хидроцентралата. Тој смета дека старата инфраструктура и губењето на водата низ водоводната мрежа е причина за проблемот со водата за пиење.
Автори: Александар Методијев, Сузана Мицева
Овој текст и документарниот филм „Синото срце“ беа развиени со поддршка на Journalismfund Europe.