• Fri. Nov 22nd, 2024

Градоначалникот Андонов, домаќин на кинескиот амбасадор

Во прва пријателска  посета на општина Василево беше амбасадорот на НР Кина во Македонија,  Н.Е  Жанг Ѕуо, придружуван од  претставник од градежна компанија и економски советник.

По претставувањето на спецификите, особеностите, можностите и капацитетеите со кои располага општина Василево, како  и отворено изразената воља за пријателство од страна на градоначалникот на општина Василево, Славе Андонов,  разговорот се водеше околу можностите за заедничка соработка во повеќе области и реализација на конкретни активности од кои  бенефит би имале двете страни.

„Ми претставуваше посебна чест и задоволство да ги претставам историските, културните и туристичките потенцијали на општина Василево. Разговаравме и за досега реализираните проекти  во комуналната инфраструктура но и за проектите кои ќе ги реализираме. Се надевам дека од денешната средба ќе произлезе воља да продолжи нашата соработка, нашата комуникација со Амбасадата на НР Кина. Нашите две држави, НР Кина и РМакедонија имаат пријателски односи и се надевам дека ќе се отсликат и на локално ниво. Имаме многу области во кои можеме да соработуваме. Ги претставив и индустриските зони кои ги поседуваме, бидејќи општина Василево е една од ретките рурални општини во Република Македонија која има четири индустриски зони. Исто така разговаравме и за градежниот дел каде што можеме да соработуваме и ги истакнав и проблемите со кои се соочуваме во општина Василево а тоа се водата за пиење и канализационите системи. Овде беше и претставник од кинеска градежна фирма  со која што  во наредниот период ќе разговараме  за да видиме во кои области можеме да соработуваме и да направиме проекти кои што се во интерес на двата народи, на македонскиот и на кинескио“, изјави градоначалникот на општина Василево Славе Андонов по средбата со кинескиот амбасадор, Н.Е  Жанг Ѕуо.

Од страна на кинескиот амбасадор и неговите соработници, понудена беше соработка во повеќе области, како градежништво, изградба на прочистителни станици, изградба на системи за водовод и канализација, изградба на патишта и слично  што во крајна линија позитивно ќе се одрази на целокупниот локален развој.

Конкретно, понудена беше реализација на проект од помал обем  по избор и одлука на општина Василево, кој би се реализирал во блиска иднина.

„Се надевам на една плодна соработка со градоначалникот Андонов. Кина и Северна Македонија имаат традиционално пријателство и би сакале да го промовираме и нашето пријателство со воведување на попрактична соработка со бенефит и за двата народа и двете држави. Претседателот на Кина рече дека во потрага по среќа ниту една држава не треба да биде запоставена, затоа сакам да направиме заеднички напори да придонесеме за заедничката иднина и благосостојба на човештвото. Тоа да го направиме преку владина соработка и соработка на локално ниво меѓу двете држави. Амбасадата сака соработката со општина Василево да ја направи во областа на индустријата, шумарството, градежништвото и руралниот развој. Претпријатијата имаат интерес да соработуваат. На состанокот учествуваше и претставникот на Пауерчајна корпорацијата  и  неговото претпријатие сака да учествува во соработката. На крај би сакал да се надевам дека ќе имаме светла иднина во соработката со општина Василево, така што да бидеме сведоци на поголем просперитет во животот на луѓето овде“, изјави кинескиот амбасадор по средбата со градоначалникот Андонов.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *