Шефот на дипломатијата Бујар Османи во своето излагање пред членовите на Комисијата за надворешна политика на Собранието на Северна Македонија за текот на разговорите и односите меѓу Скопје и Софија, истакна дека никој не преговара за идентитетот, јазикот и другите идентитетски атрибути.
– Кога сме кај чувствителните прашања, сакам јасно и гласно да повторам – никој не преговара за идентитетот! Јазикот и другите идентитетски атрибути се прашања кои произлегуваат од правото на самоопределување на секој човек, на секој народ, на секоја етничка заедница, на секоја држава и тоа е неприкосновено право посилно од било кое друго право. За овие прашање ниту сме преговарале, ниту имаме право да преговараме, ниту некој некогаш ќе преговара, подвлече Османи.
Тој истакна дека можеби постоеле такви обиди во минатото кога се пласираа некакви тези за негирање на идентитетот на Македонците како „Еден народ во две држави”, што, вели Османи, преставуваше обид за наметнување на еден единствен поглед на исторската вистина, но преку еден мудар, рационален, аргументиран пристап успеавме да покажеме дека се тоа ретроградни појави, дека не одговараат на современите цивилизациски вредности, и сметам дека во тоа успеавме.