На маргините на својата дводневна посета на Бугарија министерот за надворешни работи, Бујар Османи, учествуваше на тркалезна маса на тема „Промоција на конструктивниот капитал во Бугарија и Северна Македонија”, организирана од страна на Центарот за проучување на демократијата.
Во своето обраќање пред присутните гости Османи нагласи дека новиот геополитички контекст, предизвикан од руската инвазија на Украина и членството во НАТО ја наметна меѓу другото и неопходноста на подигнување на свеста за изворот на директните странски инвестиции, гледано преку призма на стратешките интереси и националната безбедност. Во таа насока корозивниот капитал не е веќе ексклузивно прашање кое ги засега само економските ресори.
Според Османи, институционализирањето на инструментите за оценување на директните странски инвестиции кои треба да ја заштитат нашата економија и држава се вклопува со реформската агенда, како особено важен сегмент на нашето членство во ЕУ, но и како дел од Стратешкиот дијалог меѓу Северна Македонија и САД. Моделот кој ќе се избере треба да овозможи тесна соработка со ЕУ, како и нашите соседи, како Бугарија, со која споделуваме заеднички интереси и предизвици, истакна Османи.