Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, се сретна со амбасадорите на земјите членки на ЕУ, акредитирани во земјава.
Средбата беше во функција министерот да ги брифира амбасадорите и да даде пресек за актуелните случувања поврзани со европската агенда на земјата, особено предизвиците во билатералните односи со Бугарија и процесот на усвојувањето на преговарачката рамка како предуслов за почеток на преговорите со ЕУ.
„Северна Македонија демонстрираше посветеност кон европската интеграција, реформскиот процес и регионалната соработка создавајќи со тоа стратешка кредибилност пред своите партнери. Не отстапуваме од нашата амбиција да продолжиме со надворешната интеграција со нашето најблиско соседство, кое посакуваме да резултира со стабилни и квалитетни добрососедски односи, со потенцијал да преминат во трајно пријателство со силна меѓусебна доверба“, истакна Османи.