Вложувањата во осигурување имот растат во иста мерка со задолжителното осигурување од автомобилска одговорност, тренд што е многу значаен за развојот на осигурителниот пазар. Во овој период особено се истакнува континуираниот раст на вложувањата на осигуреници во приватното здравствено осигурување кое достигна 3,8 милиони евра и бележи раст од 38 отсто во однос на првото полугодие во 2020 година
Вложувањата на осигуреници во полиси за неживотни осигурувања (бруто полисирана премија БПП) достигнаа 5 милијарди денари (81,2 мил.евра) во првите шест месеци годинава. Тоа е за 15,6 отсто подобар резултат во споредба со истиот период во 2020 годна, покажуваат официјалните податоци на Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО).
Растот на вложувањата во полиси за неживотно осигурување е очекуван со оглед на фактот што минатата година беше исклучително тешка заради бројните ограничувања и рестрикции што ги наметна здравствената пандемија предизвикана од корона кризата. За половина година се склучени 634.567 договори за неживотно осигурување, 16 отсто повеќе од лани.