Советот на општина Василево, на својата редовна, седма, седница, едногласно го усвои Предлог-правилникот за субвенционирање на домаќинствата во општина Василево за набавка и монтажа на високоефикасни инвертер клима уреди, информираат од општината.
-На дневен ред на денешната седница е Предлог- Правилник со кој се утврдуваат начинот, постапката и критериумите за субвенционирање на домаќинствата во општина Василево за набавка и монтажа на високоефикасни инвертер клима уреди, заради поголема употреба на електричната енергија како извор на енергија и затоплување на станбениот простор во кој живеат граѓаните. Овој проект беше ветен во мојата предизборна Програма и неговото ставање на дневен ред на денешната седница е всушност потврда дека моите ветувања пред граѓаните не се празни зборови и предизборнен маркетинг, туку осмислени проекти произлезени од потребите кои сигурно и целосно ќе бидат реализирани. Времето што доаѓа ќе ги потврди овие мои зборови, рече Андонов.
Инаку главната цел на овој проект е заштита на животната средина и намалување на емисијата на штетни гасови кои се ослободуваат со користење на други извори на загревање, односно со користење на дрва, јаглен, нафта кои при согорувањето, во атмосферата испуштаат штетни гасови .
Со право на субвенционирање на трошоците за набавка и монтирање на високоефикасни инвертер клима уреди можат да се стекнат носители на домаќинства кои живеат на територијата на општина Василево, кои за затоплување на станбениот простор во кој живеат користат тврди фосилни горива.
Субвенцијата може да се искористи за купување и монтажа на еден или повеќе високоефикасни инвертер клима уреди од трговски друштва и трговци поединци кои се црегистрирани и вршат трговија, одржување и поправка на клима уреди.