• Fri. Nov 22nd, 2024

Општина Гевгелија не ѝ дозволи на компанијата Г&О Васте Солутион да обработува штетен отпад

Општина Гевгелија даде негативно мислење за воведување нови производствени активности во компанијата „Г&O ВАСТЕ СОЛУТИОН“ ДООЕЛ од Скопје во Гевгелија. Негативното мислење доаѓа по доставеното барање од Управа за животна средина – Сектор за животна средина при Министерство за животна средина и просторно планирање. Барањето е во врска со намерата на компанијата за изведување на проектот – Воведување нова активност во инсталацијата во Гевгелија. По увидот во доставениот проект, Општина Гевгелија се произнесе негативно за воведување нови активности во инсталацијата на „Г&O ВАСТЕ СОЛУТИОН“ДООЕЛ од Скопје во производниот погон на улица „Индустриска“ во Гевгелија.


            При извршениот увид во проектната документација е констатирано дека правниот субјект има добиено дозвола за складирање и третирање на отпадна пластика со наведените видови отпад. Во самата Дозвола се укажува дека компанијата може да врши физички/механички третман, а со конкретно наведени селектирање и сортирање на отпадот и механички третман балирање на отпадот. Опсегот на дозволата е исклучиво за неопасен отпад. Со новиот проект се предвидува зголемување на опсегот на дозволата со други видови на отпад, како што се искористен отпад од искористени возила, од електричен и електронски отпад, од постројка постапување со отпад – отпад од механичка обработка (сортирање, дробење, компактирање и пелетизирање) и одвоено собрани фракции од комунален отпад, односно отфрлена електрична и електронска опрема.
           

Од сите видови наведен отпад предвидено е во проширените производни активности на „Г&O ВАСТЕ СОЛУТИОН“ во Гевгелија да се селектираат, дробат и од нив да се произведува гранули кои ќе се пресуваат и балираат. Со еден збор кажано, ќе се произведува РСФ – цврсто гориво во вид на пелети. Имено, во случајот се работи за инсталација за производство на РСФ – цврсто гориво во кој како суровина е наведениот отпад. За набавка на таков вид отпад, предвиден е отпад од Македонија и увоз од европските земји. Бидејќи се работи за видови отпад кои можат да бидат штетни по здравјето на луѓето, а да предизвикат и загадување на животната средина, се дава негативно мислење. Ова е наведено во одговорот до Управата за животна средина – Сектор за животна средина при Министерство за животна средина и просторно планирање. Притоа, се нагласува дека локацијата каде што се наоѓа погонот на „Г&O ВАСТЕ СОЛУТИОН“ ДООЕЛ од Скопје во Гевгелија граничи со лесно загадувачка индустрија и вклучително индустрија за производство на леб и бели печива, овошје и зеленчук, млеко и млечни производи, производство на грозје и производи од грозје. 
         

   Негативното мислење од страна на Општина Гевгелија уследи по опстојната расправа што ја организираше градоначалникот на Општина Гевгелија, Андон Сарамандов, со надлежните општински служби, координаторите на советничките групи, претставници на невладините организации и здруженија за заштита на животната средина во општина Гевгелија. Притоа, беше потсетено дека Општина Гевгелија веќе има издадено негативно мислење за производство на ваков отпад и реализација на сличен проект во истиот производен погон и на истата локација, но од страна на компанијата „П&П Индустри“.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *