• Fri. Nov 22nd, 2024

Опожарено дрво од Македонија преку Бугарија во форма на пелети завршува на Запад

Во Македонија скоро секој втор или трет ден има откриена нелегална сеча на дрвја. Што се случува со запленетото дрво за кое е завршена постапката или кое е оставено од непознат сторител?

Државата смее да ја продава запленетата нелегално исечена дрвна маса. Но, тоа нема да трае уште долго.

„Ако се работи за познат сторител, тие се чуваат додека не заврши судската постапка. Ако се работи за непознат сторител, тогаш со тоа дрво располага корисникот, односно во случајов Национални шуми односно Национални паркови. Тоа не е согласно европските регулативи. И во новиот закон за шумите, усогласувајќи се со европските директиви, односно регулативи, во случајов ЕУТиаР (EUTR), ќе биде оневозможено пуштање во промет на такви дрва и истите ќе може да се користат само како донација за социјални случаи или на определени државни установи“, објаснува Саша Јовановиќ, раководител на секторот за шумарство во Министерството за земјоделие, шумарство и водостопанство.

„70 проценти од тоа дрво ние како Национални шуми можеме да го продадеме. А, 30 проценти го подаруваме и го даваме на институции кои се формирани од државата. Приходот од тоа дрво кое го продаваме, 80 проценти завршува во нашиот буџет, а 20 проценти завршува во буџетот на Република Северна Македонија“, нагласува Груевски.

Се шверцува ли дрвото надвор од државата?

На прашањето дали покрај нелегална сеча, МВР има откриено обиди за шверц со дрва не добивме одговор. Во различни институции ни тврдеа дека тоа не е можно – и поради теренот, и поради тоа што македонското дрво било поскапо од тоа во околните земји, но и поради ригорозната процедура за извоз со барање потекло на дрвото, кое треба да е произведено на одржлив начин, и договор од каде е набавено. Во Бугарија се извезува опожарено дрво.

„Врз база на сите тие документи, испратници и докази, Министерството дава одобрение за извоз. Така што, што се однесува за тоа дали од нашата држава може илегално дрво да биде изнесено, односно шверцувано, одговорно тврдам дека тоа е тешко остварливо. Исто така, уште потешко остварливо е тоа да се пренесува или превезува по некои си шумски патишта, бидејќи тоа мислам е тешко изводливо и мислам дека е неисплатливо за тие што тоа би го чинеле“, објаснува Саша Јовановиќ, раководител на секторот за шумарство во Министерството за земјоделие, шумарство и водостопанство. 

Сомнежи во Германија

На пазарот во Германија и во Европа има дрво, кое во форма на пелети се продава и во маркети и за кое постои сомнеж за потеклото, бидејќи често на пакувањето како место на потекло стои само Европа. Во Германија се спроведуваат форензички методи, кои чинат и време и пари, за утврдување на потеклото преку датабанки со генетски материјал на дрва од различни земји во Европа и светот.

„Значи, уништувањето на шумите е голем проблем, претпоставувам го знаете тоа подобро, особено во Албанија, но исто така и во Северна Македонија во меѓувреме, а исто така се сомневаме дека тоа во иднина ќе се влоши, поради зголемената побарувачка на огревно дрво или генерално користењето на дрво за производство на енергија. Имаме и показатели дека се сечат повеќе шуми за да се произведат пелети, кои потоа се носат во западноевропските земји, како Австрија и Италија, на пример“, објаснува Анете Шпангенберг, шефица на одделот за конзервација во фондацијата „ЕуроНатур“.

„Од мојата перцепција, и зборувам само лично за мене, Македонија е земја, да кажеме на ранглистата на сомнителни земји. Во споредба со Романија и Бугарија не треба да стои на прво место. Тоа е поврзано со тоа што количините на дрво, кои доаѓаат од Македонија, не се споредливи со количините, на пример, од Романија“, вели Александер Хелд, виш експерт во Европски институт за шуми – ЕФИ.

Антикорупциската разгледувала пријави за стопанисувањето со шумите

Граѓаните во Македонија пријавувале неправилности во стопанисувањето со шумите и во Државната антикорупциска комисија.

„Во однос на шумите сме имале пријави. Колку што јас досега прибрав информации, 15 предмети се оформени во донос на работењето на ЈП Македонски шуми. Еден дел од таквите пријави се однесуваат на неправилности при спроведување на јавни набавки за сечење и дотур на дрва.

Таков е случајот со лице од Струмица, кое било вработено во три фирми што вршеле сеча и дотур, а во исто време како вработен во шумското стопанство имал обврска да ги контролира. Национални шуми повеле дисциплинска постапка и го казниле вработениот со 30 проценти од една нето плата.

Автори: Александар Методијев, Сузана Мицева

Овој текст и документарниот филм „Кревките шуми“ беа развиени со поддршка на Journalismfund Europe.