• Fri. Nov 22nd, 2024

Опасни вируси стануваат закана за Европа

Зика, денга и Кримско-конго хеморагична треска (CCHF) на крајот ќе се рашират низ британската почва, тврдат експертите. Преку научни истражувања откриле дека овие болести и се закануваат на Велика Британија поради климатските промени и порастот на температурите, што резултирало со поголем број на комарци и крлежи кои ги пренесуваат овие болести, пишува Дејли мејл.

Една од нивните најголеми грижи е треската во долината Рифт – болест со стапка на смртност од речиси 40 проценти. Особено е опасно што првичните инфекции би можеле да поминат под радарот на лекарите кои не се запознаени со „странските“ патогени.

Светската организација (СЗО) го наведе CCHF како една од нејзините приоритетни болести, која веќе стигна и во Франција. Џејмс Вуд, шеф на ветеринарна медицина на Универзитетот во Кембриџ, им рече на пратениците од Комитетот за наука, иновации и технологија дека CCHF е многу веројатно да стигне до ОК во иднина.

„Некои инфекции кои се пренесуваат преку крлежи, како што е Кримско-конгонската хеморагична треска, има голема веројатност да се шират низ ОК во одреден момент. Има инфекции кои ги пренесуваат комарците, како што е треската од долината Рифт, која може да се прошири следната година“, рече Вуд.

Треската на долината Рифт (РВФ) може да убие дури половина од заразените пациенти.

„Раното откривање на болестите ќе биде предизвик бидејќи нашите лекари не се обучени за откривање на овие болести“, додаде тој.

„Вирусите што се пренесуваат преку членконоги како што се вирусот на денга и вирусот Зика може да се воспостават во ОК“, вели професорот Брајан Чарлстон, директор на Институтот Пирбрајт, кој ги проучува заразните болести кај животните.

Климатските промени ги менуваат областите каде што може да се најдат некои вируси. Денга треската е класична болест на Јужна Америка и Југоисточна Азија, а сега се појави и во Медитеранот. СЗО ги идентификуваше CCHF, RVF и Zika како болести кои можат да предизвикаат пандемија во иднина.

Примарно, CCHF се добива од инфицирани крлежи, но може да се пренесе и меѓу луѓето преку телесни течности. На почетокот на инфекцијата се појавуваат симптоми слични на еболата – болки во мускулите, желудникот, грлото и повраќање. Други симптоми на вирусот, кои се појавуваат ненадејно, вклучуваат треска, вртоглавица, болки во вратот и вкочанетост, болки во грбот, главоболка, болка во очите и чувствителност на светлина.

РВФ е вирусно заболување кое најчесто се јавува кај домашните животни во суб-сахарска Африка, вклучувајќи говеда, бизони, овци, кози и камили. Луѓето можат да се заразат преку каснување од заразен комарец, контакт со крв, телесни течности или ткива на заразени животни. Повеќето заболени немаат симптоми или благи симптоми на настинка кои вклучуваат слабост, треска, болки во грбот и вртоглавица.

Има вкупна стапка на смртност од околу еден процент, но околу еден од десет луѓе развиваат сериозни симптоми кои бараат болничка нега. Најсмртоносниот облик на болеста предизвикува хеморагична треска, која кај пациентите предизвикува повраќање крв и крвавење од различни отвори, оваа форма убива 50 проценти од пациентите.

Зика, за разлика од другите патогени, не е познат по стапката на смртност, туку по здравствените последици врз неродените деца. Предизвикувачкиот агенс се пренесува на луѓето со каснување од заразени женски комарци, а во ретки случаи може да се пренесе и преку сексуален однос. Кај повеќето луѓе инфекцијата поминува без поголеми проблеми, но е опасна за трудниците.

Вирусот што го пренесуваат комарците предизвика глобална пандемија во 2016 година кога милиони се заразија и голем број деца се родени со вродени дефекти како што е микроцефалијата – помал обем на главата. До 2016 година, повеќе од 80 земји се соочија со појава на Зика. Вообичаени симптоми вклучуваат висока температура, главоболка, болки во зглобовите и мускулите, црвени очи и отечени зглобови.

Денга треската е уште една вирусна инфекција која ја пренесуваат комарците, претходно ограничена на тропска и суптропска клима. Повеќето случаи поминуваат со симптоми слични на грип, но некои инфекции може да бидат фатални. Сè до 1700-тите, денга треската се нарекувала треска на скршени коски поради силната болка што ја предизвикувала во мускулите и зглобовите.