Околу илјада луѓе се заразија со коронавирус на музички фестивал во Утрехт, Холандија, а локалните власти велат дека тој број може да порасне.
Дваесет илјади луѓе учествуваа на дводневниот фестивал на отворено на 3 и 4 јули. Најмалку 448 учесници се заразиле првиот ден, а 516 следниот ден, објави агенцијата АНП.
По објавувањето на веста во вторникот вечерта, организаторите тврдат дека се почитувале сите мерки.
Посетителите требаше да покажат потврда за вакцинација или негативен тест за Ковид-19 на влезот.
На 26 јуни Холандија ги укина речиси сите епидемиолошки мерки и дозволи поголеми собири, под услов учесниците да имаат сертификат за вакцинација или негативен тест.
По појавата на нови случаи, повторно беа воведени некои ограничувања. Во последните 24 часа откриени се 8.000 новозаразени лица.