Се одложи второто рочиште за „Плацови на Водно“, на кое обвинетите требаше да се произнесат дали се чувствуваат виновни за делата за кои се гонат.
Кривичниот суд соопшти дека рочиштето нема да се одржи бидејќи одбраната ги бара доказите преведени од англиски на македонски јазик.
Втората причина е бидејќи адвокатот кој на обвинетиот Никола Груевски му беше назначен по службена должност е зафатен во предметот „ТНТ“ чие рочиште е закажано во ист термин.
Обвинителката Лиле Стефанова најави голем број сведоци и докази за случајот „Плацови на Водно“, односно начинот на кој експремиерот Никола Груевски ги трошел парите наменети за партијата. На обвинителна клупа седнаа бизнисмените Јордан Камчев и Ненад Јосифовиќ, мајката на Камчев, Ратка Камчева, кумот од првиот брак на Груевски, Ристо Новачевски и ексдиректорот на УБК Сашо Мијалков.
Првообвинет во случајот е Груевски, азилант во Будимпешта.