Од Владата, пред полноќ, соопштија дека поради потребата од усогласување на техничка документација околу доставувањето на вакцините нивната испорака се одложува за следните денови
Од вчера во земјава започна електронското пријавување за вакцинација против ковид-19 на веб-страницата vakcinacija.mk
Иако беше најавено за денеска попладне, пристигнувањето на вакцините што земјава ги купува од Србија е одложено за некој од наредните денови.
Од Владата, пред полноќ, соопштија дека поради потребата од усогласување на техничка документација околу доставувањето на вакцините нивната испорака се одложува за следните денови.
Слична е аргументацијата и на кабинетот на српскиот претседател Александар Вучиќ, кој, како што беше најавено, требаше на „Табановце“ да се сретне со македонскиот премиер Зоран Заев за време на примопредавањето на вакцините против коронавирус.
„Поради неопходна дополнителна техничка документација, се одлага примопредавањето на вакцините од Србија за Северна Македонија“,
соопштија од кабинетот на Вучиќ.
Според вчерашната најава, се работи за 8 000 дози вакцини на „Фајзер“, кои се договорени пред околу еден месец, за што се чека документација за реизвоз од седиштето на производителот.
Во однос на другите вакцини, Заев, одговарајќи на новинарски прашања, вчера рече дека околу 200 000 кинески вакцини треба да пристигнат околу 15-16 февруари, за што вчера требаше да се изврши плаќање.
Во втората половина на февруари стапува во сила директниот договор со „Фајзер“ и првата пратка од 5 850 вакцини се очекува да стигне токму во тој период.
Другите контингенти се очекуваат преку системот Ковакс.
Од вчера во земјава започна електронското пријавување за вакцинација против ковид-19 на vakcinacija.mk.
По првичните проблеми што се појавија, граѓаните веќе може да се пријавуваат, а во меѓувреме е отстранет и безбедносниот код, така што барањето се потврдува единствено со притискање на опцијата „испрати“.