Професорот Владо Спиридонов, кој работи како редовен професор на Институтот за физика при Природно-математичкиот факултет, објаснува зошто периодов времето е толку променливо.
За претстојниот празничен викенд за Велигден се најавува променливо време со дожд, грмежи и ветер. Невообичаеното поладно време за овој период од годината на почетокот на овој месец беше проследено и со врнежи од снег во некои соседни држави.
Со цел да добиеме одговори зошто годинава имаме невообичаено променлива и постудена пролет, МИА разговараше со професорот Владо Спиридонов, доктор по метеоролошки науки, кој работи како редовен професор на Институтот за физика при Природно-математичкиот факултет.
Спиридонов вели дека одговорот не е така едноставен бидејќи повеќе фактори влијаат на формирањето на сезонската слика за времето.
Општата атмосферска и океанска циркулација, температурата на површината на океаните и морињата, отстапувањето на температурите и притисокот и други чинители се основните двигатели на сезонските промени на времето во рамки на климатските варијации, појаснува професорот Спиридонов.
– Променливата, влажна и ветровита прва половина од пролетта 2023 се должи на наглото „стратосферно загревање“ кое настана како резултат на дисрупција на поларниот вртлог, и услови појава на блокирање на пролетта во северниот дел на Атлантскиот Океан и Скандинавија и нестабилен поларен вртлог. Овој климатски мод придонесе за формирање на нестабилна млазна струја, со почести продори на ладен воздух од северните делови на европскиот континент и формирање на атмосферски системи со променливи, влажни, ветровити и поладни временски услови, вели Спиридонов.
Посочува дека според сегашните временски показатели, по Велигден, односно од 17 април се очекува релативно стабилен период со температури во рамки на просечните, но пред 1 мај се очекува променлив нестабилен период. Потопло време кое ќе наликува на пролет се очекува веќе од мај.
– Долгорочната сезонска прогноза на Европскиот центар за среднорочна прогноза на времето (ECMWF), иако ориентациона, покажува потопол тримесечен период (мај- јуни-јули) од просечниот за периодот 1993-2016 година во интервалот од 0.5 до 1.00 степен, додека врнежите би биле во рамки на просечните, истакнува професорот Спиридонов, кој има направено и детална анализа за тоа зошто оваа пролет е променлива и постудена од останатите.