Од понеделник ќе биде ставена во употреба новата КОВИД болница во Гевгелија
Од понеделник, 1 февруари, ќе биде ставена во употреба
новата КОВИД- модуларна болница во Гевгелија. Со ова, сите активности во врска со КОВИД-пандемијата, од прием на пациенти позитивни и суспектни на КОВИД, тестирање со брзи и ПЦР тестови, преглед и тријажа на пациенти, третман во дневна болница и стационар, ќе се реализираат во просториите на оваа болница. Како што информираше денеска директорот на Општата болница со проширена дејност, д-р Митко Крџев, со ова, постојните пунктови за земање брис, дневната болница за непотврдени и КОВИД-пациенти се затвораат и пренаменуваат. Одделот за интерни болести, кој досега беше пренаменет за болнички третман на КОВИД-пациенти, од 1 февруари продолжува со нормална работа, односно да згрижува пациенти со интернистичка патологија.